Стручниот совет, односно Управниот Одбор ќе го дадат конечниот одговор до крајот на седмицата Марјан Лазовски веќе осум години во континуитет работи со репрезентативни состави на Македонија.
Почнувајќи од младинската репрезентација на Европското првенство во Португалија, па до сениорските континентални шампионати во Полска и Литванија, каде работеше како асистент, Лазовски е најдобро запознаен со комплетната ситуација, развојот и состојбата на репрезентативната кошарка во Македонија.
Со искуството и квалитетот кои иницираат постојан придонес во македонската кошарка, Марјан Лазовски претставува логично решение за селекторското место кое ќе ја продолжи успешната приказна на големите натпреварувања.
По денешните исцрпни разговори помеѓу Лазовски и челните лица на МКФ, од кои имаше позитивни реакции од двете страни, моменталниот тренер на КК Работнички ќе биде предложен за нов селектор на Македонија пред Стручниот совет и Управниот одбор кои се закажани до крајот на оваа седмица. Доколку биде избран, официјално ќе биде претставен како нов селектор на Македонија на прес-конференција.

