На последниот натпревар од Фајнл Ејт турнирот во Торино, Бенет Канту успеваше да задржи резултатска неизвесност само во првата четвртина. Монтепаски играше лесна и брза кошарка, а на полувреме замина со предност од 44-33.
Имаше обиди гостинот да се врати во игра, но цврстата одбрана и добриот тимски настап на Монтепаски, не дозволи неизвесна завршница. Предноста на Сиена постепено се зголемуваше, за конечен триумф од 88-71.
Лестер Бо Мекејлеб одигра 27 минути на натпреварот и постигна 9 поени, на кои додаде 4 асистенции, 3 украдени топки и 2 скока. По вчерашниот импресивен настап, кога со блесок во решавачките моменти го победи Емпорио Армани, денеска одлично ги разигруваше соиграчите и ја организираше играта. Давид Андерсен постигна 23 поени, за што ја доби наградата за МВП на финалето.
За Монтепаски Сиена ова е четврти трофеј од Купот на Италија по ред и втор по ред во кој го совладува Бенет Канту во финалниот меч.

