Играчите на ЦСКА Москва во минатото коло во Истанбул го доживеаја првиот пораз сезонава, па мотивирани за враќање на победничките патеки го пречекуваат мечот со Олимпијакос на домашен паркет.
Доколку слави, руската екипа ќе го осигура своето место во четвртфиналето. Јасно е дека Олимпијакос на Перо Антиќ ќе има многу тешка задача на гостувањето во Москва, која дополнително е отежната со неиграњето на Принцезис, Василопулос и Кешељ, кои се повредени.
Грчкиот состав моментално е на делба на втората позиција на табелатаи без разлика на резултатот од оваа средба, извесно е дека дуелот со Галатасарај во последното коло, директно ќе решава за посакуваниот пласман во плејофот пред Фајнл-фор турнирот. Натпреварот помеѓу ЦСКА и Олимпијакос почнува во 17.15 часот по македонско време.
Лестер Бо Мекејлеб и Монтепаски Сиена, по освојувањето на првиот трофеј сезонава во Италијанскиот Куп, вечерва би можеле да го официјализираат своето место во четвртфиналето од елитното европско натпреварување.
Сиена досега славеше на сите четири средби кои ги одигра и вечерва дури и пораз на гостувањето во Билбао, но помал од 14 поени разлика, ќе ги одведе меѓу најдобрите осум екипи на „Стариот континент“.
Мекејлеб игра во одлична форма и моментално е најдобар стрелец во Топ 16 фазата, па тренерот Симоне Пјанџани, надевајќи се на нова добра игра на нашиот репрезентативец, оптимистички гледа на продолжување на победничката серија. Натпреварот помеѓу Билбао Баскет и Монтепаски Сиена почнува во 19.00 часот по македонско време.

