Уште по првата четвртина, екипата од Сиена предводена од Мекејлеб креираше предност од 16 поени (31-16). Реал постојано се обидуваше резултатски да се врати во игра, но со добра одбрана, италијанскиот состав ја одржуваше позитивата до крајот и славеше исклучително важен триумф од 88-69.
Лестер Бо Мекејлеб доминираше на паркетот на двата краја од теренот. За 30 минути, колку што мина на паркетот, македонскиот репрезентативен бек постигна 25 поени со 90% шут од поле, на кои додаде 3 скока, 6 асистенции и 1 украдена топка. За овој перформанс, Мекејлеб заработи 36 МВП индекс поени, убедливо најмногу досега во евролигашкото коло.
Ова е втор триумф за Монтепаски во исто толку натпревари од Топ 16 фазата во Евролигата, со што изби сам на врвот на табелата во групата Ф, каде се уште Реал Мадрид, Уникаха и Билбао. Во следното коло, закажано за 2 февруари, Мекејлеб и Сиена имаат уште едно гостување во Шпанија, овој пат во Малага против Уникаха.

